Како растат дивите растенија

Дознајте како растенијата користат вода од почвата и сончевата енергија за да растат и да цветаат преку игра!

Целта на играта е да пораснеш растение со што е можно повеќе цветови пред да падне првиот мраз. За да може да створи цветови на растението прво му требаат листови и корени. Корените впиваат вода од почвата која е потребна за растот на растението. Нивото на водата во почвата расте доколку врне дожд, и се намалува доколку нема дожд, бидејќи растението ја впива водата. Листовите собираат сончева енергија и воздух, и заедно со водата, произведуваат храна за растението преку фотосинтеза. Колку повеќе листови има твоето растение, толку повеќе храна може да создаде. Но доколку нема сонце, или почвата е премногу сува, растението не може да создава храна бидејќи не може да врши фотосинтеза.

Произведената храна може да се се искористи за создавање на нови корени, листови или цветови. Внимателно одбери кога и како ќе ја користиш храната - доколку истрошиш сè на листови, можеби коренот ќе биде премногу краток за да впива вода кога е почвата сува, а доколку прерано почне да цвета, на растението може да му фали храна за да продолжи да расте.

Сам(а) или во друштво, бори се против временските прилики и неприлики за да го израснеш најголемото и најрасцветаното растение!

Материјали

  1. Илустрациите од играта отпечатени на бели А4 листови
  2. Подолг картон
  3. Ножици
  4. Скалпел
  5. Лепило
  6. Ластик или спојка
  7. Две коцки

Доколку немаш печатач, може да направиш свои делови од растението, за што додатно ќе ти требаат:

  1. Бели листови и боички
  2. Линијар
  3. Подебел конец
  4. Леплива трака или леплив колаж
Илустрациите за играта можете да превземете тука:

Подготовка

  1. Исечи ги сите делови од играта. Доколку не може да ја отпечатиш играта, може да ги нацрташ.
  2. На долниот дел од картонот залепи ја почвата со одбележани нивоа на вода. Најгоре треба да биде 100 а на дното 0. На средината на картонот, одма над нивото 100 на почвата, направи долг и тесен отвор. Отворот треба да е доволно голем за да може да се протне коренот без да се изгужва. Веднаш над отворот залепи го стеблото на растението. Протни го коренот на растението низ отворот и стави го ластикот или спојката точно на ниво на цртата 100.

  3. Доколку не можеш да ги отпечатиш деловите на играта:
    • Нацртај ги и исечи ги цветовите, листовите, енергијата и правилата.
    • На долниот дел од картонот означи ги нивоата на водата со линијар и молив.
    • Направи корен што може да расте – измери прво колку е “длабока“ твојата почва. Мојата беше 30cm. измери нишка два пати подолга од почвата + 5 цм за да може да ја залепиш (мојата беше 65cm). Од шарената леплива трака (или самолеплив колаж) исечи ленти широки 1cm и долги 5cm. Залепи ги лентите на јажето една по друга, наизменично ориентирани (види на сликата). Само половина од јажето треба да биде налепено, другата половина остави ја гола. Протни го “коренот“ низ отворот и спој ги слободните краеви на јажето со леплива трака или заврзи ги во чвор

Сега може да ја почнеш играта!
Следи ги правилата и објаснувањата во документот:
Може да играш сам(а) и за да дознаеш колку може твоето растение да порасне за 45 дена, или во друштво и да се натпреварувате. Доколку не ти е јасно како, погледни го ова видео:

За размислување

  • Кога е подобро да расте коренот, а кога е подобро да растат листови?
  • Што се случува ако твоето растение не е подготвено за премногу дожд или за премногу сонце?
  • Дали е подобро за растението да цвета порано или подоцна?
Улогата на цветовите
Што е фотосинтеза?
Што е транспирација?
На растенијата им е потребно повеќе од вода и сонце за да создадат храна

Сподели го експериментот